Потпретседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, проф. д-р Орце Симов оствари средба со амбасадор на Аргентинската Република во Република Северна Македонија, Aлберто Атанасоф на која се дискутираше за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, преку приближување на аргентинското стопанство и неговите економски потенцијали до бизнис-заедницата од нашата земја.
Соговорниците констатирани дека добрите и пријателски релации кои традиционално постојат меѓу двете држави имаат голем потенцијал да се развиваат со забрзана динамика на економски план.
Проф. д-р Симов го изрази интересот од членките на Сојузот за интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји, информирајќи го амбасадор за деловниот амбиент за странски инвестиции, за слободните економски зони и поволностите кои ги нудат, ниските даноци, договорите за слободна трговија со бројни држави. Тој ја нагласи можноста Република Македонија да претставува и влезна врата на аргентинските производи во регионот на Југоисточна Европа, со поволности кои бизнис заедницата на Аргентинската Република би можела да ги искористи.
’’Заедничките вложувања на македонски и аргентински компании ќе овозможат за домашното стопанство прилив на свеж капитал и трансфер на знаење, а аргентинското стопанство ќе добие отворена „порта’’ за пласман на производите на големиот европски пазар. Во 2023 година се очекува Западен Балкан да биде зона на слободна трговија односно да биде отворен Балкан без царина и без граници. Ова се можности кои ќе донесат значајни бенефити и за двете земји“, истакна проф. д-р Симов.
Соговорниците на средбата идентификуваа полиња за потесна соработка и договорија конкретни чекори за натамошна соработка кои ќе се реализираат во наредниот период.
Македонија има воспоставено целосни дипломатски односи со Република Аргентина од 24.9.1999 година. Минатата година вредноста на увезени стоки и услуги од Аргентина во нашата земја изнесува 21.655.713 евра, а вредноста на извозот изнесува 83.249 евра.