Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје (ФЗНХ) денес организираше Конференција и панел дискусија на тема „Дигитализација во земјоделството – Предизвици и можности за македонскиот земјоделско – прехранбен сектор”. Повод за одржување на конференцијата е отворање нова интердисциплинарна студиска програма по Дигитално земјоделство.
Гостин на панел дискусијата беше и проф.д-р Орце Симов, потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија и претедател на ИКТ комората. Во неговата дискусија тој се осврна на потребите од дигитална трансформација која резултира со поголема отпорност на економијата на кризи, зголемување на економичноста на работење, одржливост, раст и развој.
Дигитализацијата не значи само имплементација на софтвер. Таа значи покоренити промени. Таа треба да навлезе во организациите преку реиновирање на процесите и документите за процесите, и оптимизација за истите. Со еден збор треба да се реиновира и одново да се дефинира работењето на компанијата. Дури потоа да се имплементира софтвер за ново дефинираното работење. Процесите на дигитализација во земјоделието претставуваат дигитална аграрна револуција. Дигитализацијата во земјоделието ќе овозможи одржливост, потенцијал за раст, ефикасност, компетитивност, но и поделба односно зголемување на јазот меѓу тие кои имплементираат и не имплементираат дигитални технологии. Затоа мора да се работи и на тоа да процесите на дигитализација се инклузивни преку промовирање на бенефитите од дигитализацијата и обезбедување на тренинзи, ресурси и иницијативи за имплементација на нови технологии. Може да им овозможи на земјоделците реални податоци за условите во почвата и околината како и за машините. Тоа ќе овозможи носење на подобри одлуки, во комбинација со ГИС може да овозможи прецизно земјоделство, помало трошење на вода за наводнување, ѓубрива и останати потребни средства, помали количини на отпаден материјал, а поголеми приноси. Дигитализацијата во земјоделството може да овозможи зачувување на голем број важни податоци во кои бил израснат одреден производ и тие информации како лична карта на производот да бидат достапни до потрошувачите. Ќе ја зголемува компетитивноста и ефикасноста и преку редуцирање на потребната работна сила чиј недостиг е еден од поголемите проблеми во македонското стопанство. Ќе ги подобри условите за живот на земјоделците, истакна проф.д-р Орце Симов.
Во пораката кон младите порача да не се иселуваат од државата, да бидат повеќе претприемнички ориентирани, да бидат носители на потребните системски промени во општеството кои им сметаат на сите со што ќе се направи потребниот пресврт во траекторијата на движење на земјата со што Македонија која се наоѓа на одлична климатско географска позиција ќе стане просперитетна, посакувана, подобра и пожелна земја за живеење.
Меѓу присутните беше и Горан Ѓорѓиевски, потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија и претседател на Агро-бизнис комората.