Светската економска и енергетска криза го поттикна и го зголеми постоечкиот интерес на граѓаните и на стопанските субјекти во државава да произведуваат електрична енергија од обновливи извори. Во Македонија, и покрај огромниот потенцијал, производството на струја од сончеви панели засега е исклучително скромно и далеку од можностите тоа да стане сериозен начин на заштеда на трошоците за енергенси во домаќинствата и во стопанството.

Пари.мк разговараше со првиот човек на Сојузот на Стопанските Комори во Македонија, Трајан Ангелески за најновата владина мерка со која се стимулира производство на струја од фотоволтаици, но и за тоа што уште треба да стори државата за да помогне во искористувањето на обновливите извори на енергија како помош за стопанството и за побрза зелена енергетска транзиција.

Пари: Како поскапувањето на струјата ќе се одрази на индустријата, а со тоа ќе влијае на стандардот на граѓаните?

Ангелоски: Мислам дека од главниот удар од новите цени на струјата чија примена започна на почетокот на месецот е врз домаќинствата, малку ќе се одрази врз помалите фирми, но не очекуваме поголеми потреси. Од нашите анализи заклучуваме дека главниот бран на поскапувања веќе се случил, така да не очекуваме драматични промени барем до есен. Прогнозите за тоа каква ќе биде ситуацијата потоа не се многу оптимистични. Но, треба да бидеме констуктивни и разумни и да се насочиме кон она на што може да влијаеме и кое може да го промениме. Затоа нашите главни напори ги насочуваме кон олеснување на процедурите за дозволи за користење на обновливи извори на енергија со цел компаниите директно да ги смалат своите сметки, а со тоа целата држава ќе добие. Оваа струја, која ја добиваат малите компании, е субвенционирана во голем дел. Тоа значи дека државата, од една страна од буџетот ги компензира оние загуби на малите претпријатија, така да и државата и компаниите ќе добијат со полесно инсталирање на обновливи извори.

Пари: Дали досега е адресирано ова ваше барање до Владата?

Ангелоски: Во последниве пет години, не само последниве месеци од кризава постојано бараме да се олеснат процедурите, да се сфати навистина сериозно дека таму лежи еден голем потенцијал бидејќи, ако Македонија со нешто изобилува, тоа е сонцето. Сега конечно имаме технологија со која за релативно малку инвестиции може да го даде својот придонес во производството на енергија и тоа треба да се искористи.

Пари: Владата излезе со измени на правилникот со кој домаќинствата отсега ќе можат да произведуваат струја од фотоволтаици до 6 киловата, но тоа е премногу скромно во споредба со другите држави, каде нема толку ограничувања

Ангелоски: Ние баравме од Владата ако секое домаќинство има минимален приклучок од 11 киловати, тогаш 11 киловати да е можноста да се инсталираат фотоволтаици. Затоа што од тие 11 киловати, домаќинството ќе употреби еден голем дел, а еден мал процент ќе бидат пуштени во мрежата, но, до сега, за жал, немаме позитивен одговор од Владата. Наместо тоа, во правилниците е утврдено горната граница да е 6 киловати.

Пари: На што се должи, што мислите, ваквата енергетска политика и на оваа и на претходните влади, како да немаат слух за она што е тренд и потреба, а тоа е користењето на обновливите извори на енергија?

Ангелоски: Неразбирливо е зошто се лимитираат домаќинствата да не можат во поголема мерка да ги задоволат своите енергетски потреби. Изјавата на претседателот на Регулаторната Комисија од пред некој ден вели дека доколку се продолжи со ова темпо на инвестирање во обновливи извори, оваа година компанииите сами, без еден денар од државата искористено на овој или на оној начин ќе изградат капацитет за производство на струја од фотоволтаици, со јачина колку хидроцентралата Козјак. А, можете да замислите, ако продолжиме со ова темпо, и малку се подобриме и го развиеме искористувањето на овие обновливи извори, ние, односно индустријата пред се, секога година би можеле по еден или два Козјака да инвестираме.

Пари: Тоа значи дека државата е повеќе од свесна за потенцијалот и за остварливоста на тој концепт на свртување кон обновливите извори. Во стратегиите за енергетски развој тоа и се развива, но во пракса не се реализира…

Ангелоски: -Бирократските процедури се навистина комплицирани, целата работа е многу сложена во однос на документацијата и затоа и е нашето барање да таа процедура се поедностави…

Пари: Каде се заглавува во постапката за дозволи за поставување на фотоволтаици?

Ангелоски: Ние сметаме дека нема потреба од градежни дозволи. Дали некој досега за монтирање на бојлер со соларно напојување некој извадил градежна дозвола? Едноставно, се поставуваат, бидејќи нема регулатива за поставување. За фотоволтаиците тоа е законска процедура. Министерството за економија ја пропишува законската рамка. Но, процедурата најмногу заглавува кај издавањето градежни дозволи, вие за соларни панели аплицирате за дозвола како да градите зграда.

Пари: Сте ѝ го поставиле ли ова прашање на Владата и каков е, во тој случај, одговорот?

Ангелоски: Немаме никаков одговор.

Пари: Македонија сега произведува само околу еден процент на струјата од обновливи извори…

Ангелоски:  А, можеме да произведуваме и до 50 проценти.

Пари: Чии се овие проценки?

Ангелоски: На енергетски експерти, и од МЕПСО, меѓу другото. Но, споро оди тој процес, ние имаме навистина долг пат да изодиме. Имаме некои прелиминарни пресметки дека во наредниве десет години инвестициите во производтството на струја од обновливи извори во Македонија може да достигнат и до 5 милијарди евра и тоа домашни инвестиции.

Пари: Наместо тоа, државата предност им дава на субвенционирањето на производството на струја од малите хидроцентрали, а сведоци сме дека климатските промени влијаат на капацитетот на реките…

Ангелоски: Капацитетот на водите можеби ќе се намалува, но затоа, пак, сончевата енергија ќе ја има се повеќе.

Пари: Колку состојбата со снабдувањето со гас, која станува акутен проблем за европската економија, ќе влијае и врз македонската економија?

Ангелоски: -Мислам дека состојбата со гасот не треба да ја сфаќаме многу драматично. Во Македонија не постои гасоводна мрежа, ниту дистрибутивна мрежа. Имаме една гасна електрана, Те-То, и топловодниот систем во Скопје и уште неколку скопски фирми се гасифицирани. Не сме ние до таа мерка засегнати одо ова прашање. Ние треба да работиме да го искористиме овој момент да инсталираме капацитети за обновливи извори на енергија, и, наместо да плаќаме скапи сметки, да ги вратиме за многу краток период тие инвестиции во обновливи извори и ќе ни останат да ги користиме во следните 20-25 години. Во тој случај вие не трошите јаглен за да произведете струја, соларните електрани еднаш ги инсталирате и потоа само ги одржувате.

Пари: Се чини дека нашата енергетска транзиција, која е глобален тренд, е заглавена и не се движи.

Ангелоски: Сите транзитираат кон обновливи извори. Нашите компании не бараат ништо повеќе одошто процедурите да се поедностават и да им се даде можност за инвестиции. Со тоа навистина државата само може да добие бидејќи олеснувањето на процедурите од страна на државата ќе ја олесни енергетската транзиција, која и нас не очекува.