Во нашата земја се уште треба да се инвестира во развој на претприемништвото бидејќи тоа ќе придонесе во развој на економијата и ќе креира решенија за надминување на предизвиците со кои се соочуваме меѓу кои и актуелните, поврзани со енергетската криза, истакна претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Трајан Ангелоски во дискусијата на настанот „Менаџерски муабети 5“ кој се одржува во рамки на седмата Меѓународна научна конференција со тематски фокус „Академиски и менаџерски предизвици, остварувања и научени лекции од земјите во транзиција кон пазарно стопанство“ што се одржа во Битола во организација на Бизнис Академија Смилевски и БАС Институтот за менаџмент Битола.
„Процесот на создавање на претприемничка култура е започнат но се уште недостасува временски период за да се достигне посакуваното ниво. Македонските менаџери имаат мало или скромно интернационално искуство што негативно влијае врз нивниот професионален развој и раст, споредено со нивните колеги во странство. За развој на претприемништвото и подигнување на неговото ниво неопходно е да се посвети поголеми внимание на воспоставување на интернационални релации“, истакна Ангелоски.

Тој потенцираше дека претприемништвото претставува склоп од две карактеристики, поседување на лични квалитети и стекнување на соодветни вештини.
„Важно е да се препознае потенцијалот на овие луѓе кои поседуваат лични карактеристики важни за развој на претприемништвото и да се насочат и охрабрат да стекнат и потребни вештини и да зачекорат по патот кон развој на сопствен бизнис. Сојузот тука игра важна улога, од една страна преку промоција на успешни примери кои треба да охрабрат и да поттикнат нови претприемачи, и од друга како техничка поддршка, поврзување и вмрежување на домашниот и меѓународниот пазар“, потенцираше Ангелоски.
Во дискусијата тој се осврна и на важноста на инвестициите во обновливи извори на енергија, енергетски менаџмент и производство на храна како важни предуслови на полесно надминување на актуелната криза со глобални димензии.
„Овие три аспекти се најважни за намалување на последиците и полесно понатамошно заздравување на економијата и општеството во целина. Затоа и мерките и политики кои Сојузот ги препознава како најсоодветни се поврзани со инвестиции во енергетиката, храната, соодветното менаџирање. Сојузот како активен чинител во креирање на политики во континуитет доставуваат предлози и мерки до надлежните институции. Излезот од кризата треба да го бараме во нови инвестиции, осовременување, иновации и се тоа гледано низ призмата на претприемништвото кое во некој нов проблем, гледа нова шанса и можност“, порача Ангелоски.