Градежната комора на Македонија, Министерството за транспорт и врски на Република Македонија, Општина Центар, Стопанската комора на Северозападна Македонија и останати релевантните чинители од секторот во Сојуз на стопански комори на Македонија на највисоко ниво дискутираа за актуелната состојба во градежништвото.

Претседателот на Градежната комора на Македонија, Ивица Јаќимовски истакна дека само преку конструктива дебата и редовни состаноци со претставниците на државните институции може да се воспостави квалитетен јавно-приватен дијалог кој треба да има долгорочни позитивни ефекти врз условите за водење на бизнис и севкупниот економски раст.

Градежната комора на Македонија активно работи на подобрување на состојбата во секторот градежништво и во таа насока соработката со надлежното министерство и општините е од особена важност за детектирање и надминување на предизвиците со кои се соочуваат компаниите. Главно барање на комората е да се донесе во најбрз рок,  предлог новиот Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење. Со донесување на Законите ќе се овозможи решавање на еден од најголемите проблеми изминатата година, блокирање на веќе одобрените детални урбанистички планови. Стопирањето на ДУП-овите ја доведе во прашање правната сигурност на инвеститорите во градежниот сектор кои трпат големи финансиски штети“, истакна Јаќимовски и  додаде дека при донесување на деталните урбанистички планови треба особено да се внимава, бидејќи секое стопирање кога веќе започнал процесот на градба значи штета која не може да се надомести.

 

 

На состанокот на кој се обрати Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески,  беше истакнато дека само со заедничка соработка меѓу бизнисот, Владата, Собранието и општините, може да се надминат присутните слабости во овој важен сектор за македонската економија.

Веруваме дека следната година ќе има реализација без проблеми на најавените проекти во градежништвото. Токму затоа треба да работиме за да нема застој, поточно да се запазат предвидени законски рокови  во градежништвото кои се од особено значење, бидејќи секое остранување на пропустите направени при проектирањето, ќе значи дополнително трошење на време и финансиски средства, кои неминовно се одразуваат врз градежниот сектор и економијата во целост. За следна година за капитални проекти предвидени се 418 милиони евра, а реализиција на планираните градежни инфраструктурни зафати значи раст на домашната економија“, истакна Јаќимовски.

Раст и стабилност на градежниот сектор значи стабилност и за 26 други стопански гранки директно поврзани со градежништвото.