gb  german  turkey  china  japan  italy  alb  serbia  france  UAE                                       

Кој се плаши од средната класа?

Претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, во неделната колумна за печатеното издание на „Слободен печат“ согледувајќи ги анализите на релевантните меѓународни финансиски институции, како и моменталната состојба во земјава пред се на малите и средни компании кои се столб на националната економија, вели дека она што е за очекување е дополнително продлабочување на јазот со најбогатите граѓани во земјава.

Во продолжение колумната на претседателот на Сојузот, Данела Арсовска.

Податоците покажуваат дека во Македонија 455.000 граѓани, односно околу 22 отсто од населението, живее во сиромаштија, што нė рангира меѓу првите во Европа. Истовремено, најбогатите 1 отсто заработуваат 14,4 отсто од вкупниот национален доход,што повторно нė сместува на врвот.

Алармантни предупредувања испрати и Светската банка која соопшти дека комбинираните ефекти на пониските приходи од работа и намалените дознаки како резултат на ковид-19 се очекува екстремно да го зголемат нивото на сиромаштија. Предвидувањата се дека стапката на сиромаштија ќе порасне повеќе од 20 проценти.

Македонската олигархија, пресметувајќи ги милионските профити, веројатно не го слушнала или не го разбрала повикот за солидарност испратен од Светскиот економски форум и побрза да аплицира и земе што е можно поголем дел од скромната финансиска помош, иако лани оствариле добивки од повеќе милиони евра. Кризата трае и негативните ефектите се очекува да се прелеат и во следната година, а поголем дел од претприемачите, кои се претежно мали и средни претпријатија, се жалат дека за нив нема економски спас. Стопанството тоне, а претприемачите, кои се сметаа за идната средна класа, полека, но сигурно исчезнуваат.

Според OEЦД, припадници на средната класа се домаќинства со доход од 75 до 200 отсто од националната просечна плата, а намалувањето на средната класа во најголем дел се должи на стагнацијата на примањата. Трошоците истовремено растат значително побрзо од инфлацијата во поединечните клучни ставки, како што се домувањето, каде што според податоците на OEЦД, во последните две децении растот на трошоците е трикратно поголем од растот на просечниот доход на домаќинствата. Повеќе од 20 отсто од домаќинствата за кои се смета дека припаѓаат на средната класа, трошат повеќе отколку што заработуваат, па така засилено се потпираат на кредитно задолжување за да го финансираат начинот на живеење.

Она кое што во изминатите години е видно е дека ниту една од партиите нема стратегија за раст во насока на зајакнување на средната класа, можеби затоа што таа средна класа ќе има многу поголемо влијание врз политичкиот и економскиот живот во државата. Празни се флоскулите за поддршка од политичари, кои ниту знаат ниту сакаат вистински да помогнат на претприемачите и реалната економија. Со системски решенија за напредување на економијата, ќе се обезбеди раст со кој ќе има повеќе за секој, а тоа што се ветува во последните партиски програми не влева надеж дека нешто ќе се промени.

Со оставање на малите и средни претпријатија да се снаоѓаат како знаат и умеат среде криза со која не можат самите да се изборат, се ризикува да пропадне сė што досега вложиле и исчезнува каква било илузија за досега декларативно истакнатата поддршка за зајакнување на средната класа, како и за позначаен раст и развој на македонската економија.

Така, во Македонија ќе останат единствено олигархијата и сиромаштија. Првите ќе продолжат да се богатат на грбот на другите кои се борат за егзистенција.

Прочитано 204 пати

Од Претседателот

Да бидеме лидер и глас на бизнис заедницата, подржувач на економскиот раст на членовите на комората. Заедно да придонесеме за економската стабилност на Македонија и партнерски забрзано да се движиме напред во нова декада на наше успешно работење.

Арсовска Данелa

Интернационална мрежа

F46DCE922CC1E446A2D47D87A78FE9A1

D234AF1A2FFA9C4197F508DA3F41A889

Контакт

 info @chamber.mk
  +389.2.3091440
  +389.2.3091440
  Црвена Скопска Општина бр.10

Следете не