Се одржа првиот бизнис форум на високо ниво, меѓу Македонија и Бугарија, на кој учествуваат околу 200 компании од двете земји, а во бугарската делегација има и претставници на 54 фирми, како и директори и градоначалници на општините од пограничниот регион со Македонија.
За развој на економијата неопходно е владеење на правото и стабилна политичка ситуација. Ако потпишувањето на Договорот за добрососедство со Република Бугарија на 1 август 2017 година беше прв чекор за создавање стабилна политичка ситуација тогаш денешниот форум нека биде прв чекор за најавување економскиот раст во Македонија, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на отворањето на бизнис форумот на македонски и бугарски компании насловен „МК-БГ 2019“ што денеска се одржува во Скопје на негова и на иницијатива на потпретседателот на Советот на министри на Бугарија, Томислав Дончев.
Делегација на Сојузот на стопански комори на Македонија ја предводеше претседателот Данела Арсовска. Компаниите членови на Сојузот, остварија Б2Б средби со бугарските компании.
Вицепремиерите на стопанствениците им порача дека во наредниот период ќе се интензивира изградбата на експресниот пат од Куманово до границата со Бугарија, како и изградбата на првата фаза од железницата кон Бугарија на делот од Куманово до Бељаковце. Веќе се тендерира втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка во вредност од 147 милиони евра за која е добиен и грант од 68 милиони евра, а проектирана е и третата делница од Крива Паланка до Ѓуешево во вредност од 350 до 400 милиони евра за која е обезбеден ист грант од 68 милиони евра преку Вест Балкан инвестмен фондот. На денешната средба со Дончев, како што истакна, станало збор и за заеднички царински премин, како и за подобрување на соработката во енергетиката каде веќе е потпишан договор за заедничка берза на електрична енергија, а во зачеток се и разговори за учество на Македонија во изградбата на бугарската нуклеарна електрана Белене.
Бугарскиот вицепремиер Дончев посочи дека политичките напори што ги прават двете земји веќе даваат резултати и има зголемување на заемните инвестиции во двете земји и на бројот на туристи, а тоа е особено изразено по потпишувањето на договорот во 2017 година.
По потпишувањето на договорот со Бугарија размената меѓу двете земји во 2018 година достигна до 695,2 милиони долари и тоа е раст од 16,95 отсто во споредба со 2017 година