Ариљеметал доо, една од водечките компании од областа на машинството во Македонија, од 19 до 21 април  ќе се претстави на најголемиот саем за сврзувачка техника (Fastener Fair)  во Европа, STUTTGART  MESSE 2019, во Германија.

На сопствен штанд ќе се промовираат капацитетите и можностите на оваа наша реномирана компанија за производство на најразлични сложени машински делови за потребите на индустријата во земјите на ЕУ. Ариљеметал е веќе познат на пазарите на Унијата бидејќи нуди врвен квалитет, куси рокови на испорака и коректни цени.

„Во ова динамично време на брзи промени во индустријата, потребно е македонските компании да бидат присутни на сите големи индустриски настани во Европа. За сериозните компании македонскиот пазар е премал и недоволен за тој да биде база на  идниот развој. Конкуренцијата постојано се зголемува, меѓутоа ние веруваме во нашите квалитети и затоа сме тука да докажеме дека вредиме и дека можеме да го освоиме и  Европскиот пазар и да бидеме сериозни партнери на металната индустрија во Европа”- вели Трајан Ангелоски, заменик генерален директор на Ариљеметал – Скопје.

Саемот во Штутгарт инаку е најголемиот саем од овој тип во Европа, со преку 4.000 излагачи од 50 земји во светот и со преку 100.000 посетители во трите дена колку што трае манифестацијата.

За Ариљеметал овој саем е извонредна шанса огромен број компании од целиот свет да ги видат производите и услугите на компанијата и да се започнат бизнис контакти со нови, како и да се зајакнат контактите со веќе постоечките европски бизнис партнери.