Управниот одбор на ИКТ Комората при Сојузот на стопански комори денеска одржа седница на која се разгледуваа актуелните состојби и потреби на компаниите активни во овој секторот, а се дискутираше и за потребата од формално дефинирање и позиционирање на овој сектор во стратешките документи за политики како еден од водечки за економски развој на државата.
Поради трендот на брз раст и развој на секторот, а со тоа и на зголемување на бројот на деловни субјекти беше утврдена и потреба за поставување на сертифицирани процедури кои ќе бидат потврда за деловниот бонитет на компаниите од овој сектор, како и засилена промотивна кампања на успешните компании.
Беше донесен заклучок дека е потребно повторно да се актуелизира до надлежните институции не можноста целосно да се користи сервисот за плаќање PayPal, бидејќи сега кај нас преку него може да се плаќа во странство, но не и обратно. Поради ова се соочуваме со состојба голем број на млади професионалци од овој сектор кои креираат иновативни производи и услуги, да ги дислоцираат бизнисите во земјите во соседните држави и оттаму да продаваат он-лајн.
Членовите на УО се договорија во наредниот период поважен акцент да се стави на организирање на повеќе настани за унапредување на соработката и комуникацијата меѓу домашните компании како и за нивно вмрежување со деловни партнери од други држави.