Претседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори Аркан Керим денеска е избран за претседател на Советот на Агенција за промоција и поддршка на туризмот, тело кое е поставено на високо ниво во организациската структура на Агенцијата и е вклучено во изготвување на годишната програма за промоција и поддршка на туризмот, подготовка на анализи и извештаи за остварените резултати од имплементацијата на годишната програма како и подготовка на препораки за понатамошни активности.

На денешната седница на Советот кој брои 15 членови, се дискутираше и за проблемите во туристичкиот сектор, беа изнесени реалните проблеми со кои се соочуваат туристичко-угостителските работници, а се дефинирани и работните задачи за наредниот период. Исто така се усвои и Правилник за етички кодекс на Советот. Членовите на Советот во наредниот период оценија дека е потребно да добие на интензитет динамиката на одржување на седниците на Совет, како би можело навремено да се одговори на актуелните состојби и случувања во секторот.