Со похрабра визија и подобра промоција, како и креирање на настани во текот на целата година нашите туристички дестинации може да привлечат многу поголем број на туристи, истакна претседателот на Туристичко-угостителската комора Аркан Керим во интервју за емисијата „Здраво Македонија“ на Канал 5. Тој даде свое видување за актуелната туристичка сезона, како и сугестии и предлози околу тоа што може да се направи за да се зголеми бројот на туристи кои ја посетуваат земјава.
„Да се направи стратегија и да се креираат настани кои ќе привлекуваат голем број на туристи и надвор од она што се смета за главна туристичката сезона. Охрид на пример може да биде атрактивен 10 месеци во годината, од мај до септември. Треба да се размислува и за воведување на all inclusive понуди во нашите хотелите како би можеле да привлечеме побогати и елитни туристи. Планираме и реализација на заеднички проекти со општините со цел заеднички да ги промовира туристичките дестинации. Иницијативата „Отворен Балкан“ исто така нуди многу можности бидејќи од една страна може да го олесни протокот на туристи на граничните премини, а од друга да го поттикне креирањето на заеднички туристички понуди, што полесно привлекува туристи од Азија, Америка, Канада. Јас овие тури почнав да ги организирам во 2007 година и навистина беа успешни, но сега би можеле да добијат уште подобра динамика“, истакна Керим.
Тој најавува дека се подготвува тура за туристи од САД и Канада, која ќе вклучува посета на Миконос, Санторини, Атина, Скопје и Охрид, а се разгледуваат и можностите нашата земја да се стави на туристичката мапа за англиските пензионери кои се присутни во Црна Гора и во Албанија.