gb  german  turkey  china  japan  italy  alb  serbia  france  UAE                                       

Данела Арсовска: Борбата против сивата економија ќе има поголем придонес во буџетот од било кое покачување на данок

“Суштинските реформи треба да бидат во насока на обид да се справиме со сивата економија која е нелојална конкуренција на регистрираните субјекти, со што прво би постигнале праведно оданочување од аспект на тоа секој кој врши дејност во Република Македонија да има подеднакво обврска да плаќа данок, а не само оние кои регистрирано работат, за потоа да може да се зборува за воведување прогресивен данок, со проценка на моментот дали и кога е најповолно истото да се стори”, вели Арсовска во интервју за Капитал.

И покрај тоа што бизнис заедницата бараше одложување на даночните реформи, се чини дека Владата ќе стартува со овие измени на даночниот режим без поддршка на бизнис заедницата. Каква порака праќа тоа за фирмите?

Најголемиот недостаток на отпочнување со процес на вака сериозни реформи е брзината со која се носат законските решенија. Било која измена на легислативата која го засега приватниот сектор треба да ги следи препораките на Европската Унија и Советот на Европа за вклучување на засегнатите релевантни страни во процесот на драфтирање на законските решенија кои директно ги засегаат. Овие препораки се клучни од повеќе аспекти, но најмногу како би ја имал во овој случај приватниот сектор можноста да даде свои конструктивни предлози со цел да се избегнат посериозни проблеми при имплементација на легислативата која се креира или менува. Брзите промени на законите никогаш не се препорачани, а особено во толку краток рок пред отпочнување со примена што е случај и со новото решение на Предлог Законот за данокот на личен доход, бидејќи таквите брзи промени допринесува за неизвесност кај компаниите, имајќипредвид дека тие веќе ги имаат донесено бизнис плановите и буџетите за следните години во кои овие измени во оданочувањето најавени на самиот крај од тековната година, не се пресметани.
Ваквитепромени може да резултираат со воздржување од нови проекти, како и со извесна даночна евазија на подолг рок, бидејќи приватниот сектор во континуитет се соочува и со конкуренцијата од сивата економија, што претставува постојан притисок кој сериозно влијае на борбата на компаниите за опстојување на пазарот. Воедно, континуирано се апелира дека со регистрирање и оданочување на сивата економија, ќе се постигне поголем ефект за допринос во буџетот, од било кое планирано поединечно покачување на данок.

Вие сте претставник на многу мали и средни фирми во Македонија, па може ли од нивно име да ни кажете кои ќе бидат најголемите измени кај овој сегмент на фирми и каков товар тие ќе предизвикаат?

Малите и средни претпријатија немаат значително зголемување во продуктивноста во изминатите години, а регистрирано е зголемување на трошоците во работењето. Од таа причина фокусот на реакциите најмногу е во зголемување на данокот за хонорарите по основ на договор на дело кој како трошок не е предвиден во работењето на компаниите, но не помалку реакции има и за зголемувањето на данокот на закуп, даноците на осигурувањето и на капиталните добивки, како дивидендите и трансакциите при тргување со хартии од вредност и особено зголемување на данокот од доход од продажба на сопствени земјоделски производи. Воедно секое зголемување на номиналната стапка за правните лица значи зголемување на вкупното даночно оптоварување врз компаниите бидејќи се носители на обврската за исплата на данокот на персоналниот доход. Поточно, стопанските субјекти се тие кои како исплатувачи се обврзани да го платат персоналниот данок и тоа не само по основ на плата, туку и во случај на исплата по основ на договор за повремено или привремено вршење на услуги, авторски права, имот и имотни права, добивки од игри на среќа итн.  Од истото евидентно е дека направени се зголемувања на стапките не само кај високите плати, туку и кај другите категории на доход со што се зголемува даночното оптоварување  кај стопанските субјекти.

Кои беа главните аргументи на бизнис заедницата, зошто се бараше одложување на овие даночни измени. Што покажуваат анализите кои ќе бидат последиците?

Деловната заедница односно стопанските комори како претставници на приватниот сектор по најавата за даночните реформи истакнаа дека истите потребно е да се одложат за временски период од најмалку 5 години, во кој период е неопходно да се направат консултации со сите засегнати релевантни страни и заеднички преку воспоставување јавно приватен дијалог и отворање на широка дебата, да се креираат соодветни даночни решенија кои ќе ги одразуваат целите на праведност од прогресивното оданочување, но ќе го поддржат и растот на стопанството и економијата воопшто. Суштинските реформи треба да бидат во насока на обид да се справиме со сивата економија која е нелојална конкуренција на регистрираните субјекти, со што прво би постигнале праведно оданочување од аспект на тоа секој кој врши дејност во Република Македонија да има подеднакво обврска да плаќа данок, а не само оние кои регистрирано работат, за потоа да може да се зборува за воведување прогресивен данок, со проценка на моментот дали и кога е најповолно истото да се стори.


Во овој момент било кое ново оптоварување кое ќе го има приватниот сектор, а во овој случај по основ на даночните реформи ќе падне на товар единствено на оние кои регистрирано работат на пазарот.

2KK_5078

Од клучните фактори за раст на македонската економија фокусот треба да биде на зголемување на продуктивноста на компаниите, со што би се постигнал ефект во двата најважни сегменти т.е намалување на невработеноста и зголемување на надворешната трговија односно извозот.

Веќе подолг период истакнувате дека е потребна борба против сивата економија, која се проценува на околу една третина од бруто домашниот производ. Какви проблеми создава сивата економија за бизнисите?

Сузбивањето на сивата економија дефинитивно ќе даде резултати во растот на севкупната економија, бидејќи таа и според извештаите на релевантните меѓународни финансиски организации изнесува околу 30% од севкупната економија во Република Македонија. Посветеноста на решавањето на сивата економија е и главниот предизвик за овозможување поволен деловен амбиент и овозможување на рамноправен и фер третман на сите учесници на пазарот кои се вршители на дејност.


Според анализите од анкетите на Сојузот на стопански комори на Македонија, вршителите на дејност кои работат без формално регистрирање на својата дејност т.е без фирма, се повеќе од 50% поконкурентни на пазарот од регистрираните фирми, поради тоа што не допринесуваат со обврска за плаќање на ДДВ, придонеси по основ на социјално и пензиско осигурување, тековните трошоци им се многу пониски бидејќи имаат обврска како физички лица наместо да плаќаат трошоци по индустриска тарифа, со што не само што го оштетуваат буџетот, туку и нудат цени за производи и услуги на пазарот кои се значително пониски, цени кои регистриран бизнис што ги плаќа сите давачки не може да ги постигне поради тоа што повисоките трошоци мора да ги пресмета во крајната цена на чинење.
Нелојалната конкуренција од сивата економија е еден од главните предизвици со кои се соочуваат претпријатијата и потребно е да биде приоритет и фокус на институциите и посветено да се превземе акција за сузбивање на истата.
Нашите препораки се да се пристапи кон имплементација во пракса на Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност со што би се регулирало работењето во сивата зона.
Доколку се стават во употреба механизмите за засилување на контролата и наплатата на непријавени даноци од т.н. сива економија, ќе се постигне поголем ефект по основ на прилив во буџетот и ќе се создаде амбиент за изготвување на реформски мерки од креаторите на политиката би биле насочени кон социјалната еднаквост и обезбедување на поквалитетни услови за живот.
Анализите на Светска банка покажуваат дека учеството на компаниите кои се соочуваат со нерегистрираните или неформални вршители на дејност во Македонија е 55, 5% или најмногу во регионот пред Црна Гора со 52,4%, Хрватска со 48,2%, Албанија со 40,2%, Србија со 37,5% и Словенија со 26,5%.

Имате ли конкретни предлози на кој начин државата треба да се справува со сивата економија?

Со Управата за јавни приходи потпишавме Меморандум за соработка на 11 јули годинава, токму во насока на  делување на регистрирање на субјектите вршители на дејност кои немаат регистрирано фирма, a со цел намалување на сивата економија и нелојалната конкуренција.Решението е едноставно и целта на инспекциските служби потребно е да биде детектирање и воведување во системот на нерегистрираните субјекти, поточно да им биде овозможено на оние кои веќе работат нерегистрирано, да се регистрираат со цел да станат рамноправни на пазарот со останатите правни субјекти. Целта е да се формализира неформалната економија и согласно прецизно утврден систем и правила компаниите да имаат еднакви можности и услови да се натпреваруваат на пазарот.

Македонија изминативе три години се соочува со продолжена политичка криза која резултирање со забавување на економската активност. Какви се Вашите проценки за македонската економија? Може ли да очекуваме поголем економски раст? 

Политичката неизвесност и честите изборните циклуси се фактор кој влијае на стопанството и на растот на економијата. Разбирливо е дека политичка стабилност е неопходна за отпочнување или зголемување на инвестициските активности, бидејќи приватниот сектор секогаш е резервиран за вложување кога има зголемен ризик. Генерално, и покрај добрите политики за зголемување на инвестициските активности како што беше донесувањето на Законот за финансиска поддршка на инвестиции кој во рамка стави извесни гаранции за инвестициските активности за следните 5 години, сепак компаниите се воздржуваат од тоа да преземаат чекори за поголеми инвестиции, проектите не ги отпочнуваат или отпочнуваат исклучително внимателно како би го минимизирале ризикот.
Најважно е дека за постигнување на посакуваниот економски раст, како и за овозможување на развој на компаниите потребна е предвидливост, која би им била основа за подолгорочно планирање на компаниите на своите идни деловни активности и за изготвување на стратегиите за инвестирање. Секако предизвик е како да се обезбеди економска благосостојба, зголемување на стандардот, унапредување во сите полиња и развој на човечкиот капитал. Од клучните фактори за раст на македонската економија фокусот треба да биде на зголемување на продуктивноста на компаниите, со што би се постигнал ефект во двата најважни сегменти т.е намалување на невработеноста и зголемување на надворешната трговија односно извозот.

Какви според Вас политики и мерки би помогнале за повисок економски раст?

Спроведувањето на неопходните структурни економски реформи во земјата треба да биде национален приоритет и утврдена стратегија која ќе се имплементира долгорочно, како би се демонстирало движење во насока на подобрување на стабилноста и зголемување на правната сигурност. Политичката стабилност и обезбедување на владеење на правото се предуслов за остварување на одржлив економскиот развој. Со ова ќе се обезбеди доверба кај инвеститорите и ќе се овозможи подобрување на севкупниот деловен амбиент во земјата, кој едновремено би требало да се темели на обезбедување на сигурни извори за финансирање на компаниите, поддшка за зголемување на извозот и конкурентноста, развој на индстријата. Повисок економски раст може да се постигне единствено со целисходна национална стратегија за развој на приватниот сектор, а во соработка со сите чинители во општеството, владини институции, невладиниот сектор, академската заедница, деловните организации со што водени од заедничката цел, ќе се постигне подолгорочна економска стабилност и просперитет за идните генерации.

Во Сојузот на стопански комори членуваат над 20 илјади фирми од Македонија. Кои им се најголемите проблеми со кои се соочуваат во водењето на бизнис во Македонија?

Во Сојузот на стопански комори на Македонија членуваат компании кои се членови на коморите поделени по сектори и дополнително по региони. Секој сектор има свои предизвици, почнувајќи од актуелниот недостиг на квалификуван кадар особено во градежништвото, индустријата, туризмот, услужните дејности како и во приватното здравство. Сите сектори имаат свои специфичности, но заеднички им е предизвикот за следење на измените во законската регулатива, справувањето со инспекциските контроли и дефинитивно најголемиот предизвик е справување со нелојалната конкуренција од сивата економија. Од аспект на легислативата особено малите и средни претпријатија немаат финансиски и човечки ресурси да ги следат честите законските измени, што им предизвикува дополнителни проблеми при имплементација на тие прописи како и при инспекциски контроли. Тоа претставува стрес и притисок во нивното секојдневие бидејќи истакнуваат дека работат незнаејќи дали и во која мера се во усогласени со сите позитивни прописи.
На стопанството треба да му се даде простор да се саморегулира, додека за малите и средни претпријатија, а особено за претприемачите и старт ап компаниите потребно е да се овозможи поголема поддршка во насока на овозможување на едукација за отстранување на извесни технички неправилности во работењето како замена за глобите.

Кои се идните активности на Сојузот на стопански комори и кои се предлог мерките за подобрување на работењето и бизнис климата?

Сoјузот на стопански комори на Македонија, континуирано работи на градење препораки за градење на јавните политики кои се спроведуваат на национално ниво, додека во последните четири години максимално ја зајакнавме нашата позиција и интернационално. Нема сомнеж дека фокусот на нашата работа, треба да  биде насочен кон придонесување за обезбедување стабилен, сигурен и поволен деловен амбиент, пристап до финансиска поддршка, но и институционална поддршка на компаниите и претприемачите.

За 2019 година имаме неколку стратешки приоритети и продолжуваме со зајакнување на членството и поддршка на развојот на компаниите, имплементација на проектите за подобра бизнис регулатива, како и активна работа на воспоставената платформата за јавно-приватен дијалог. Фокусот на нашите активности ќе биде на зголемување на конкурентноста на македонските компании, зголемување на инвестициите и извозот, како и градење на капацитетите на компаниите за постигнување долгорочен раст, а со тоа и општ економски напредок.


2KK_5121

Македонија за првпат со претставник во Светската Коморска Федерација

 

На меѓународен план во оваа прилика би сакала да го истакнам, моето назначување во раководството на Генералниот Совет на Светската Коморска Федерација (World Chambers Federation) со седиште во Париз  и верувам дека со овој голем успех за Република Македонија каде за прв пат од основањето на Светската федерација во 1919 година имаме македонски претставник, ќе дадеме максимални заложби за  позиционирање на нашата земја како центар за влез на нови инвестиции во земјата и регионот, за градење на сигурни партнерства за домашните стопанственици со цел зголемување на извозот и ќе имаме пристап до информации од прва рака за светските економски случувања со нашето учество во Организацијата на Обединети Нации – ООН, Г20, Светската Трговска Организација, како и Европската Банка за обнова и развој. Можноста ни е дадена, треба мудро да ја искористиме.

Прочитано 220 пати

Од Претседателот

Да бидеме лидер и глас на бизнис заедницата, подржувач на економскиот раст на членовите на комората. Заедно да придонесеме за економската стабилност на Македонија и партнерски забрзано да се движиме напред во нова декада на наше успешно работење.

Арсовска Данелa

Интернационална мрежа

F46DCE922CC1E446A2D47D87A78FE9A1

D234AF1A2FFA9C4197F508DA3F41A889

Контакт

 info @chamber.mk
  +389.2.3091440
  +389.2.3091440
  Црвена Скопска Општина бр.10

Следете не